Вашингтон Стејт Универзитетот ја оствари шестата победа во последните седум натпревари откако ноќеска славеше на гостувањето кај својот голем ривал Вашингтон со 90-87, по продолжение.
Со овој триумф, Кугарс дојдоа до 16/6 и се доближија уште повеќе до првото место во својата дивизија каде на чело е Аризона со биланс 16/5. Воедно, ова беше седма победа по ред во меѓусебните дуели со Вашингтон со кого има огромно ривалство и 298 одиграни меѓусебни дуели досега.
Домаќините имаа можност да слават по основниот дел, но Вашингтон Стејт постигна кош на четири секунди пред крајот и го однесе мечот во продолжение. Интересно е тоа што клучниот кош, за конечните 90-87, беше постигнат на речиси две минути пред крајот на дополнувањето по што ниедна од екипите не успеа да погоди.
Македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски повторно беше еден од најдобрите во тимот на Вашингтон Стејт. На теренот помина 42 минути и за тоа време постигна 13 поени и 5 скока, вклучувајќи една тројка со исткеот на првото полувреме од голема далечина.


