Дербито на вечерта и потенцијално финале во НБА лигата оваа сезона му припадна на Денвер Нагетс кој го победи Бостон со 115-109.
Повторно херој на шампионот беше Никола Јокиќ кој го оствари 20. трипл дабл во сезоната и 125. во кариерата, постигнувајќи 32 поена, 12 скока и 11 асистенции за 39 минути на паркетот. Од игра шутираше 11/18, а од линијата за слободни фрлања ги погоди сите десет обиди.
Натпреварот помина во израмнета игра, со исклучок на периодот кога Денвер имаше 11 поени предност што беше и највисока разлика на една од екипите. Во финишот Бостон се приближи на еден посед, благодарение на двете тројки по ред на Џру Холидеј, но Јокиќ не дозволи пресвртот да биде комплетиран и со една фантастична асистенција ги уништи надежите на гостинот.
Селтикс сега се во серија од два пораза што се случува првпат по 8 ноември минатата година. И покрај тоа, нивната предност не е загрозена затоа што се уште се убедливо најдобар тим во лигата. Џејлен Браун беше прв играч на Бостон на дербито, постигнувајќи 41 поен и 14 скока.
РЕЗУЛТАТИ
Детроит – Бруклин 118-112
Индијана – Минесота 111-113
Далас – Мајами 114-108
Феникс – Торонто 120-113
Денвер – Бостон 115-109
Голден Стејт – Чикаго 122-125
Сакраменто – Сан Антонио 131-129


