Македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски имаше уште еден блесок во својот тим Колорадо на кого синоќа му донесе победа во дуелот со Јукон.
Противникот е актуелен шампион на НЦАА и втор фаворит за титулата оваа сезона, но потклекна пред Јакимовски кој оствари дабл дабл и го постигна кошот за победа на девет секунди пред крајот. При водство на Јукон од 72-71, нашиот кошаркар погоди по влез и му донесе триумф на Колорадо со 73-72. Натпреварот се играше во рамките на турнирот Мауи на Хаваи, во борбата за пласман од петтото до осмото место, но дуелите од овој турнир се сметаат во основниот дел од НЦАА.
За 33 минути во игра, Јакимовски постигна 12 поени, 10 скока, една асистенција и една украдена топка и беше трет стрелец во својот тим, зад Мелоун и Хемонд кои постигнаа по 16 поени.
Јукон (Универзитет Конектикат) беше шампион на НЦАА претходните две сезони и има вкупно шест титули во ова натпреварување. Минатата кампања тој стана прв тим што ја одбранил титулата по Флорида пред 17 години. Победата е од огромно значење за Колорадо, не само поради тоа што е остварена против актуелниот шампион на НЦАА, туку и поради тоа што е само втора во меѓусебните дуели во историјата.


