Првата ѕвезда на грчката репрезентација Јанис Адетокунбо на 29-годишна возраст ќе дебитира на Олимписките игри откако со својот национален тим триумфираше на квалификациите во Пиреја.
Со 23 поени и 8 скока тој беше најдобар играч во финалето против Хрватска, а подоцна беше прогласен и за МВП на квалификацискиот турнир. Сето тоа резултираше со излив на емоции на кошаркарот на Милвоки Бакс кој не можеше да издржи и заплака по завршувањето на натпреварот. Солзите не можеше да му ги запре ни неговиот син, а ни неговиот брат Танасис подоцна во соблекувалната.
Грција го чекаше ова 16 години, веројатно немаше да успее да не беше Јанис Адетокунбо, па настапот во Париз ќе биде можеби најубавиот момент во кариерата на еден од најдобрите грчки кошаркари во историјата.


