Откако минатата сезона го елиминира во плејофот, Минесота Тимбервулфс беше подобра од Денвер и во првиот меѓусебен дуел од новата натпреварувачка кампања.
На домашен терен, Вулфс славеа со 119-116 и го оставија тимот од Колорадо на 13. позиција на табелата во Западната конференција. Уште еднаш на површина излегоа сите слабости на Нагетс и покрај тоа што на овој натпревар Јокиќ имаше голема помош од Гордон и Портер.
И во вакви услови, Денвер не успеа да ја задржи предноста од 10 разлика која ја имаше на околу три минути пред крајот на натпреварот. Место тоа, дозволи Минесота да направи серија од 15-2 и на тој начин да го заклучи натпреварот. И во последната минута гостите влегоа со водство, но потоа Едвардс погоди за пресврт, а Кристијан Браун и Ерон Гордон промашија, па слободните фрлања на Руди Гобер беа за да стави точка на натпреварот. Во последниот напад, Јокиќ се обиде со тројка да обезбеди израмнување, но не успеа да погоди.
Србинот беше блиску до нов трипл дабл, постигна 26 поени, 13 асистенции и 9 скока, а се истакнаа и Гордон со 31 поен и 11 скока и Портер со 26 поени. Ентони Едвардс ја предводеше Минесота со 29 поени. Шанса да го поправи својот пласман Денвер ќе има утре кога ја пречекува единствената екипа без победа во лигата Јута Џез.
РЕЗУЛТАТИ
Шарлот – Бостон 109-124
Кливленд – Орландо 120-109
Детроит – Њујорк 98-128
Атланта – Сакраменто 115-123
Бруклин – Чикаго 120-112
Торонто – ЛА Лејкерс 125-131
Њу Орлеанс – Индијана 125-118
Минесота – Денвер 119-116
Портланд – Оклахома 114-137


