Изгледа дека не постои сила во НБА лигата која може да го запре Никола Јокиќ оваа сезона, а како што поминува таа, суперѕвездата на Денвер игра се подобро.
Нагетс ја оствари четвртата победа во низа, совладувајќи го Сакраменто на домашен терен со 132-123, продолжувајќи го на тој начин притисокот врз Мемфис и Хјустон. Јокиќ на теренот помина 37 минути и за тој период постигна 35 поени, 22 скока и 17 асистенции за својот 20. трипл дабл оваа сезона во 38. натпревар и вкупно 150. во неговата НБА кариера.
Ова е само вторпат во историјата на НБА еден кошаркар да постигна најмалку 35 поени, 20 скока и 15 асистенции на натпревар, а единствениот досега беше Вилт Чембрлен во далечната 1968 година.
Денвер го реши прашањето околу победникот уште на крајот од третата четвртина кога имаше предност од 25 поени разлика. Сакраменто се разигра во последниот период, намали на само шест негатива, но домаќините не дозволија целосен пресврт. Покрај Јокиќ, кај Денвер се истакна уште Браун со 21 поен, додека најдобар играч на Сакраменто беше Домантас Сабонис со 23 поени, 19 скока и 8 асистенции.
РЕЗУЛТАТИ
Орландо – Портланд 79-101
Индијана – Сан Антонио 110-140
Атланта – Торонто 119-122
Оклахома – Далас 115-121
Милвоки – Мајами 125-96
Денвер – Сакраменто 132-123
Голден Стејт – Чикаго 131-106
ЛА Лејкерс – Бостон 117-96
ЛА Клиперс – Вашингтон 110-93


