Екипата на Атланта оствари една од најблескавите победи во историјата откако ноќеска го совлада Бостон на домашен терен.
Кон средината на втората четвртина, Селтикс водеа со 30 поени разлика (68-38) и изгледаше дека Атланта ќе доживее дебакл пред своите навивачи. Место тоа, Хоукс на крајот славеа со 120-118 со што го направија најголемиот пресврт во историјата на франшизата и петти најголем во постоењето на НБА.
Возбудувањата го достигнаа врвот во претпоследната минута кога Тејтум загуби една топка, а Богдановиќ погоди брза тројка и го доведе домашниот тим во водство од 115-114. Атланта направи серија од 7-2 и го реши натпреварот во своја корист.
Тејтум го заврши натпреварот со 37 поени, а веќе на средина од втората четвртина имаше 20. Можеби исходот ќе беше поинаков ако Бостон имаше поширока клупа, односно ако Џо Мазула ги имаше на располагање и Џру Холидеј и Дерек Вајт кои го пропуштија натпреварот. Кај Атланта, сите членови на стартната постава беа двоцифрени, најефикасен беше Хантер со 24, а Богдановиќ постигна 22 поена.
РЕЗУЛТАТИ
Кливленд – Шарлот 115-92
Атланта – Бостон 120-118
Њујорк – Детроит 124-99
Торонто – Бруклин 88-96
Чикаго – Вашингтон 105-107
Хјустон – Портланд 110-92
Сан Антонио – Феникс 104-102
Денвер – Мемфис 128-103
Јута – Далас 105-115
Сакраменто – Филаделфија 108-96
ЛА Клиперс – Индијана 116-133


