На нешто помалку од еден месец пред крајот на основниот дел од сезоната, Бостон Селтикс е многу блиску до потврда на најдобрата позиција во НБА лигата.
Ноќеска, најтрофејниот тим во НБА ја оствари шестата победа во низа и 17. во последните 19 натпревари, совладувајќи го еден од најслабите оваа сезона, Детроит со 119-94. Разликата со второпласираниот Милвоки во моментов изнесува 10 победи, на 14 меча пред крајот на сезоната, а седум во однос на најдобрите тимови на Западот, Оклахома и Минесота.
Дуелот против Пистонс помина во константна доминација на Бостон со тоа што гостите некако се одржуваа во игра до почетокот на втората четвртина. Најблиску беа на 33-39, а потоа Селтикс постојано ја зголемуваа предноста, до највисоките +29 (104-75). Домашните играчи погодија дури 22 тројки со што уште еднаш ја покажаа својата потентност во нападот.
Џејлен Браун беше најефикасен со 31 поен, но остана во сенка на Дерик Вајт кој го оствари првиот трипл дабл во кариерата со 22 поена, 10 скока и 10 асистенции, вклучувајќи шест тројки. Кај Детроит, кој одамна ги загуби шансите за пласман во плејофот, Џејден Ајви постигна 21 поен.
РЕЗУЛТАТИ
Индијана – Кливленд 103-108
Бостон – Детроит 119-94
Филаделфија – Мајами 98-91
Чикаго – Портланд 110-107
Јута – Минесота 104-114
Голден Стејт – Њујорк 112-119
Сакраменто – Мемфис 121-111
ЛА Лејкерс – Атланта 136-105


