Најдобриот тим од основниот дел од сезоната Бостон Селтикс сигурно чекори во плејофот.
И во вториот меч од конференциското финале против Индијана, најтрофејниот тим во историјата дојде до триумф, овојпат многу полесно откако на првиот. Бостон славеше со 126-110 за водство од 2-0 по што е на половина пат од пласманот во големото финале на НБА. Интересно е тоа што во претходните две рунди, Бостон доживуваше порази на вторите натпревари, двата на домашен терен и тие беа единствени за Селтикс во досегашниот дел од плејофот.
Синоќа скромен беше Џејсон Тејтум кој во првото полувреме постигна само четири поени, но на сцена стапи спасителот од првиот меч Џејлен Браун. Вторпат во 2024 година тој постигна 40 поени, но сега теренот го напушти како победник и е најзаслужен што по првите два натпревара Бостон има водство од 2-0. Индијана беше конкурентна до средината на третата четвртина, се доближи на 66-68, а потоа тргна финалниот спринт на Бостон кој до крајот дојде до убедлива победа.

Тејтум стигна до 23 поени, колку што имаше и Вајт, додека кај Индијана, најефикасен беше Паскал Сијакам со 28 поени пред Нембхард со 16. Третиот натпревар од серијата се игра в недела рано наутро, во Индијанаполис.


