Веќе во првиот натпревар од полуфиналната серија во Западната конференција, актуелниот шампион Денвер Нагетс ја загуби предноста на домашен терен откако ноќеска загуби од Минесота со 99-106.
Убедливо најдобар играч на мечот беше 22-годишниот Ентони Едвардс кој постави нов личен рекорд во плејофот, постигнувајќи 43 поени. Уште на почетокот од натпреварот најави дека тоа ќе биде негова вечер бидејќи при водство на неговиот тим од 18-4, тој веќе стигна до 11 поени. Беше незапирлив за своите противници, до полувреме веќе имаше 25 поени, а работата ја доврши во вториот дел.
По лошиот старт, Денвер ја презеде контролата на резултатот во втората четвртина, водеше до крајот на третиот период, но највисоката предност изнесуваше само седум поени. Во последниот квартал се разигра Наз Рид кој во таа четвртина постигна 14 поени и го одмори Едвардс, а победникот беше решен по серијата од 8-0 по која Минесота отиде на 102-91.

Никола Јокиќ го предводеше Денвер со 32 поена, 9 асистенции и 8 скока, но впечаток е дека ова, сепак, не беше негова вечер. Му требаше многу време за да влезе во ритам, гостинските кошаркари одиграа добра одбрана врз него, особено тоа важи за Гобер кој не му дозволи да прифати многу топки под кошевите. Србинот погоди само 11 од 25 шута од игра, а премногу инсистираше на шут од дистанца бидејќи за тројка се обиде девет пати, а погоди само два. Потфрли и Мареј кој остана на само 17 поени.
Вториот меч се игра во вторник во 4 часот наутро по средноевропско време, повторно на теренот на шампионот.


