Актуелниот шампион во НБА лигата, Денвер Нагетс поведе со 2-0 во првата рунда од плејофот серијата со Лос Анџелес Лејкерс откако утринава славеше и во вториот меч на домашен терен, со 101-99.
Уште долго ќе се зборува за овој натпревар ако се земе предвид се што се случуваше на него. Гостите беа во водство 45 минути, највисоката предност изнесуваше 20 разлика (68-48 во третата четвртина), но ни тоа не беше доволно да ја прекине серијата порази во дуелите со актуелниот шампион.
Нагетс полека ја топеа разликата, во последната четвртина се влезе со 69-79, но до тој момент, расположени за игра беа само Јокиќ и Портер. Во финалните 12 минути се разигра Џамал Мареј кој на крајот излезе и херој на Денвер бидејќи со истекот на времето, при резултат 99-99 постигна кош за победа на неговиот тим. Тој ги постигна и претходните четири поени на неговиот тим, за израмнување на 97-97 и 99-99. Лејкерс имаа забелешки на една судиска одлука, кога не беше досудена лична грешка од Јокиќ врз Дианџело Расел која можеби ќе го однесеше натпреварот во друга насока.

Кошот на Мареј беше круна на најголемиот пресврт во историјата на Денвер кога станува за натпревар во плејофот. Иако Канаѓанецот ги постигна клучните поени, убедливо најдобар играч на мечот беше Никола Јокиќ кој четврти пат во кариерата ја достигна границата од 25 поени, 20 скока и 10 асистенции (27/20/10) на плејоф меч. Ентони Дејвис заврши со 32 поена и 11 скока, а Леброн додаде 26 поени, 12 асистенции и 8 скока. Следните два меча од оваа серија се играат во Лос Анџелес каде Лејкерс ќе имаат можност да стават крај на низата од десет порази во дуелите со Денвер.
РЕЗУЛТАТИ
Кливленд – Орландо 96-86
Њујорк – Филаделфија 104-101
Денвер – ЛА Лејкерс 101-99


