Екипата на Далас Маверикс се избори за петти натпревар во финалната серија од НБА лигата откако на домашен терен го победи Бостон со 122-84.
Со тоа, не само што избегна „метла“, туку го оствари својот највисок триумф на еден плејоф натпревар и трет највисок во меч од финалната серија во историјата на НБА лигата. Сепак, тоа ништо нема да значи ако в понеделник Бостон пред своите навивачи стави крај на оваа сезона и ја освои првата титула по пауза од 16 години.
Ваков исход можеше да се претпостави уште во првото полувреме кое Далас го доби со 61-35 за веќе во воведните минути од третиот квартал разлика да отиде над 30 поени. Гостинските кошаркари воопшто не изгледаа заинтересирани да направат нешто и да се изборат за попристоен пораз, па во последната четвртина воопшто и немаше борба и покрај обидите на тренерот Џо Мазула некако да ја разбуди својата екипа. На крајот, дури Бостон може да биде среќен што избегна тотална катастрофа затоа што највисоката предност на Далас изнесуваше 48 разлика (115-67).
Лука Дончиќ повторно беше најдобар играч во својот тим, сега со 29 поени, 5 скока и 5 асистенции, а победата беше прва за него во кариерата кога станува збор за финале од НБА лигата. Ирвинг додаде 21 поен, а Хардавеј 15. Тејтум со 15 поени беше прв стрелец на Бостон кој за два дена ќе ја има втората шанса за титула.


