По катастрофалниот прв натпревар од серијата во кој ништо не му одеше од рака, Лука Дончиќ блесна во вториот меч против Оклахома и му донесе израмнување на Далас на 1-1.
Мавс славеа како гости со 119-110 за прв брејк во оваа серија, но и прв пораз на Оклахома во годинашниот плејоф откако во првата рунда го „исчистија“ Њу Орлеанс со 4-0. Дончиќ го заврши натпреварот со 29 поени, 10 скока и 7 асистенции, со шут за тројка 5/8 и само две изведени слободни фрлања што е чудно за него. Овојпат во длабока сенка остана Кајри Ирвинг кој заврши со само девет поени, но се истакна Пи Џеј Вашингтон со 29 поени и 11 скока. Кај Оклахома, најдобар беше Шеј Гилџес-Александер со 33 поени, 12 скока и 8 асистенции.
Серијата сега се сели во Далас и ако Дончиќ и компанија успеа да ги добијат двата меча, ќе бидат на чекор од пласман во финалето на Западната конференција.

Во вториот меч од синоќешната програма, Кливленд направи изненадување и оствари убедлива победа со 118-94 на гостувањето кај Бостон со што израмни на 1-1 во серијата.


