Екипата на Далас Маверикс е втор финалист во НБА лигата откако синоќа по четврти пат ја победи Минесота и со 4-1 обезбеди пласман во следната фаза.
Откако на четвртиот меч во Тексас се спасија од „метла“, Вулфс ноќеска не можеа ништо против разиграните Лука Дончиќ и Кајри Ирвинг кои одиграа фантастичен натпревар. Далас славеше со 124-103, а бековскиот тандем постигна безмалку 60% од поените (72). Двајцата реализираа по 36 со тоа што Дончиќ додаде уште 10 скока и 5 асистенции, а Ирвинг 5 асистенции и 4 скока.
Се беше решено во раната фаза од натпреварот, по резултат 18-18, Далас направи серија од 22-1 и поведе со 40-19 за на крајот од полувремето да дојде и до огромни +29 (69-40). Натамошниот дел од мечот беше само формалност со тоа што Минесота не само што не ја загрози победата на Далас, туку не успеа да се симне по 20 поени негатива.
Карл Ентони Таунс и Ентони Едвардс постигнаа по 28 поени за домашниот тим, но тие беа единствени со двоцифрен ефект бидејќи стрелец беше Руди Гобер со само девет. На крајот, Лука Дончиќ беше прогласен за МВП на финалната серија во Западната конференција.
Со овој триумф, Далас обезбеди пласман во финалето на НБА првпат по 13 години и за втората титула во историјата на франшизата ќе игра со Бостон Селтикс кој ќе ја има предноста на домашниот терен. За Мавс тоа ништо не значи бидејќи Оклахома и Минесота ги елиминираа и покрај тоа што противникот беше подобро рангиран.


