Екипата на Бостон Селтикс поведе со 2-0 во финалето од НБА лигата откако ноќеска го совлада Далас со 105-98.
Тоа значи дека тимот од Масачусетс е на половина пат од рекордната 18. шампионска титула бидејќи за неа му се потребни уште две победи. На Далас не му помогна ни одличниот Дончиќ за кого настапот на синоќешниот натпревар не беше сигурен поради повреди на коленото и зглобот.
Гостите ја имаа контролата над играта и резултатот во првото полувреме, но мечот беше неизвесен и израмнет до средината на третиот квартал. Тогаш Бостон не само што го презеде водството, туку и по серијата од 10-0 поведе со 75-63. Тоа беше најважен момент на мечот бидејќи до крајот Далас не успеа да се симне на помалку од седум поени негатива, со исклучок на 98-103 во самиот финиш, кога веќе немаше време за пресврт.
Лука Дончиќ одигра 42 минути и за тоа време оствари трипл дабл со 32 поена, 11 скока и 11 асистенции со добар шут од игра (12/21). Сепак, Бостон повторно покажа дека е силен како колектив, Холидеј беше прв стрелец со 26 поени на кои додаде 11 скока, Браун постигна 21 поен, а Тејтум и Вајт по 18.
Серијата сега се сели во Далас каде се играат третиот и четвртиот натпревар. За да си ги задржат шансите за титулата, Мавс мораат да ги добијат двата меча од кои првиот е на програмата в четврток наутро, од 2:30 часот по средноевропско време.


