Како што во текот на викендот го совлада Шиаулиаи, така Мажеикиаи загуби синоќа на гостувањето кај Лиеткабелис во мечот кој можеше да ја означи најголемата победа на тимот оваа сезона во домашното првенството.
Лиеткабелис, кој е вицешампион на Литванија од 2022 година, триумфираше со 82-81, а победничкиот кош го постигна на нешто повеќе од една секунда пред крајот на натпреварот. Мажеикиаи играше одлично во првите три четвртини во кои најчесто имаше двоцифрена предност која најмногу изнесуваше 17 поени.
Мала криза го фати во финишот од третиот период, а Лиеткабелис го комплетира пресвртот во последната четвртина, по серијата од 10-0 со која поведе со 77-75. Гостите не се предадоа, беа на чекор од победа, но не го издржаа последниот напад на домашниот тим и кошот за победа од офанзивен скок.
Со евентуална победа, Мажеикиаи ќе му се доближеше на само еден триумф на својот вчерашен ривал и ќе останеше во борба дури и за петтото место на табелата. Шанса за нов триумф ќе има идната недела кога ќе го пречека последнопласираниот Пиено.


