Трагично настраданата суперѕвезда на Лос Анџелес Лејкерс и НБА лигата, синоќа доби статуа која ќе биде поставена пред арената Крипто, каде 20 години ги играше своите натпревари во жолто-виолетовиот дрес.
Статуата со бројот 8, со кој играше во првите 10 години од кариерата е откриена пред мечот меѓу Лејкерс и Денвер, а датумот за оваа церемонија беше симболично избран (2/8/24), двата броја (8 и 24) кои ги носеше Коби во текот на професионалната кариера и бројот на неговата ќерка Џана (2) која загина со него во хеликоптерската несреќа на 26 јануари 2020 година. На свеченоста присуствуваа голем број легенди на Лејкерс и на НБА лигата, а покрај неговата сопруга Ванеса, зборуваа и тренерот Фил Џексон и легендата на Лејкерс, Карим Абдул Џабар.
Ова е прва од трите планирани статуи на Коби Брајант што ќе бидат поставени пред Крипто арената во Лос Анџелес. На неа е прикажан легендарниот кошаркар на Лејкерс како покажува со прст кон небото, потег кој го направи неколку моменти по завршувањето на мечот со Торонто Репторс во 2006 година на кој постигна 81 поен, што е рекорд во неговата кариера.
Коби ја заврши кариерата во 2016 година по 20 сезони во НБА лигата, сите во дресот на Лос Анџелес Лејкерс. Освои пет шампионски титули и постигна 33.643 поени со што во моментов се наоѓа на четвртото место на вечната листа на стрелци. Тој е единствен кошаркар во историјата на Лејкерс во чија чест се повлечени од употреба два броја – 8 и 24.


