Денеска се навршуваат 25 години од првиот натпревар на македонската кошаркарска репрезентација на европските првенства.
На денешен ден (21 јуни) 1999 година, нашиот национален тим го одигра првиот натпревар на континенталните шампионати и тоа на првенството што се одржа во Франција. Во Тулуз, Македонија играше против домаќинот Франција и загуби со 67-71 во меч во кој беше во игра за сензационална победа до минута пред крајот. Малку недостасуваше македонската репрезентација да направи големо изненадување иако пред мечот беше прежалена. Којзнае што ќе се случеше ако Џим Билба не го блокираше Боцевски при водство на Франција од 67-65 на 50 секунди пред крајот на мечот и Македонија го израмнеше резултатот во тие моменти. Најефикасен на натпреварот беше Наумоски со 27 поени, а Блажевски постигна 11.
Во историјата на македонската кошарка влегоа: Врбица Стефанов, Владо Илиевски, Ѓорѓи Чековски, Мирза Куртовиќ, Марјан Србиновски, Игор Михајловски, Петар Наумоски, Тодор Гечевски, Дејан Јовановски, Срѓан Станковиќ, Перо Блажевски и Душан Боцевски. Селектор на репрезентацијата беше Заре Марковски, негови помошници Александар Тодоров и Благој Печалов, а во стручниот штаб беа и докторот Златко Темелковски и физиотерапевтот Борче Груевски. Дел од експедицијата беа и легендите на македонската кошарка Лазар Лечиќ, Благоја Георгиевски Буштур и Стеван Гешовски. Претседател на Кошаркарскиот сојуз на Македонија во тој период беше Орце Камчев.

На Европското првенство во Франција, Македонија беше во група и со СР Југославија и Израел. Од СР Југославија загубивме со 68-83, а од Израел со 62-64 на мечот на кој цело второ полувреме игравме без Наумоски кој доживеа тешка повреда.
По тоа првенство, македонската репрезентација забележа уште четири учества на европските шампионати и тоа во серија, од 2009 до 2015 година. Најдобриот пласман го оствари на Еуробаскетот во 2011 година во Литванија кога го освои четвртото место.


