Актуелниот шампион во НБА лигата, Денвер Нагетс намали на 1-2 во полуфиналната серија од Западната конференција откако славеше во првиот меч како гостин против Минесота со 117-90.
Убедливиот триумф доаѓа по двата пораза на домашен терен од истиот ривал во дуели во кои Тимбервулфс покажаа дека поседуваат квалитет да се носат со бранителот на титулата. Синоќешниот меч беше комплетна спротивност на тие натпревари бидејќи Денвер не дозволи во ниеден момент неговата победа да дојде во прашање.
Тоа беше најдобар меч на Нагетс во годинашниот плејоф, со шут од над 60% и фантастична одбрана против Ентони Едвардс кој беше задржан на само 19 поени што е речиси половина од неговиот просек на првите два натпревара кој изнесуваше 35. Уште во првата четвртина гостите водеа со осум разлика (28-20), во втората водеа со 45-25, а се беше решено уште пред крајот на третиот период.

Никола Јокиќ повторно не беше на нивото од основниот дел од сезоната, но му недостасуваше една асистенција за трипл дабл: 24 поени, 14 скока, 9 додавања. Џамал Мареј постигна идентичен број поени, а дојде очекуваниот придонес од Портер, Гордон и Колдвел Поуп. Во тимот на Минесота, освен Едвардс, вреден за спомен беше само Таунс кој постигна 14 поени, вклучувајќи четири тројки.
На 1-2 намали и Индијана која го победи Њујорк со 111-106 во првиот меч на домашен терен. Блескаше Халибартон со 35 поени, но клучниот кош го постигна младиот плејмејкер Нембхард кој ги реши дилемите околу победникот во финишот.


