Исклучително интересниот и драматичен натпревар меѓу МЗТ Скопје и Пелистер донесе и искри во финишот, во моментите кога се одлучуваше победникот.
На 25 секунди пред крајот на мечот, битолчани не го искористија својот напад од кој можеа да се доближат и да останат во игра за победа бидејќи топката им ја украде Дамјан Стојановски. Капитенот на МЗТ Скопје тргна во напад, но на него жестоко стартуваше противничкиот играч Стефан Мијовиќ кој го легна на паркетот.
Судиите покажаа лична грешка од српскиот интернационалец, тој веднаш потоа доби и техничка, но Дамјан не можеше да го премолчи зафатот и му се внесе в лице на противничкиот кошаркар. Соиграчите го тргнаа на страна, меѓутоа револтот кај легендата на македонската кошарка беше преголем и тој го продолжи својот вербален дуел со Мијовиќ.
На крајот и тој доби техничка грешка, но таа немаше влијание на конечниот резултат, односно победата на МЗТ Скопје на овој натпревар.


