Бостон Селтикс го растури Голден Стејт со 140-88 во мечот кој требаше да биде дерби на вечерта во НБА лигата.
Најдобрата екипа сезонава со тоа ја оствари третата највисока победа во својата историја, а Вориорс го претрпеа четвртиот највисок пораз со тоа што претходните три се од периодот кога оваа франшиза беше далеку од елитата во НБА. Откако стана шампионски тим, на Голден Стејт ни оддалеку не му се случило вакво нешто.
Бостон победил со повисока разлика само против Чикаго (133-77) на 8 декември 2018 и против Сакраменто (128-75) на 25 јануари 2022 година. Синоќа по 24 минути игра имаше 82-38 и тие 44 поени се највисока разлика на полувреме на еден меч на Бостон во историјата. Во третата четвртина беше +51, но потоа Џо Мазула се сврте кон играчите од клупата и Голден Стејт избегна тотална катастрофа.
Џејлен Браун беше најефикасен на мечот со 29 поени, Тејтум додаде 27, а Причард 19. Кај Голден Стејт, Кинонес постигна 17 поени, а првата ѕвезда Стеф Кари реализира само четири што е негов најлош ефект од 16 март 2022 година, но мора да се истакне дека синоќа воопшто не играше во второто полувреме.
По 60 одиграни натпревари, Бостон се наоѓа убедливо на првото место во Источната конференција со дури осум победи повеќе од Милвоки.
РЕЗУЛТАТИ
Далас – Филаделфија 116-120
Минесота – ЛА Клиперс 88-89
Бостон – Голден Стејт 140-88
Торонто – Шарлот 111-106
Орландо – Детроит 113-91
Сан Антонио – Индијана 117-105
Кливленд – Њујорк 98-107
Феникс – Оклахома 110-118


