Строгите правила кои низ годините ги воведуваше НБА за прекршување на дисциплината, придонесуваа да нема тепачки како во 80. и 90. години од минатиот век, но сепак одвреме-навреме некој од кошаркарите знае да збесне и да предизвика голем инцидент.
По подолго време, такво нешто се случи ноќеска, на мечот меѓу Феникс и Далас. Славеа гостите со 98-89, но натпреварот остана во длабока сенка на тепачката во која главен протагонист беше босанскиот репрезентативец Јусуф Нуркиќ.
Jusuf Nurkic, Naji Marshall and P.J. Washington were all ejected after this scuffle in Mavs-Suns. pic.twitter.com/A3Gk7eBYlI
— NBA on ESPN (@ESPNNBA) December 28, 2024
Центарот на Феникс направи лична грешка во напад откако му удри лакт и го легна на земја противничкиот кошаркар Даниел Гафорд, но тука не беше крајот на ситуацијата. Се вклучи Наџи Маршал кој веројатно му дофрли нешто на Нуркиќ, Босанецот се врати и го удри по главата за веднаш потоа да добие директ кој го испрати на земја.
За среќа, другите кошаркари беа доволно присебни и спречија општа тепачка, па се помина само со исклучување на Нуркиќ и Маршал кои веројатно ги очекува и долга суспензија и голема парична казна.


