Голден Стејт доживеа сензационален пораз од Филаделфија со 119-126, но главна вест од тој меч е забивањето на Стеф Кари, познат по шутирање и погодување тројки, а не по атракции под кошот.
Забивањето се случи на седум минути пред крајот на натпреварот, во контранапад во кој ветеранот беше сам и можеше да бира како ќе ја заврши акцијата. Одлучи да забие што за него никогаш не е прв избор. Во својата кариера, Кари забил вкупно 27 пати, последниот на 21 февруари 2019 година, на дуелот против Сакраменто и на асистенција на Кевин Дурант. Синоќешното забивање беше со цел и со посвета, но потоа најави дека ова ќе биде негово последно во кариерата.
STEPH DUNKED IT 🤯
— Golden State Warriors (@warriors) March 2, 2025
📺 #NBAonABC pic.twitter.com/gwIlXQdOph
„На шутерскиот тренинг пред натпреварот, Џери Стакхаус бараше од мене да забијам на натпревар, бидејќи никогаш не ме видел како го правам тоа. Неколку часа подоцна навистина ми се отвори шанса за забивање и ми беше смешно, но го направив тоа за него. Се чувствувам добро бидејќи поголем дел од сезонава имам болки во коленото, па затоа решив така да ја завршам акцијата. Ветувам, следниот пат ќе одам на положување, го видовте тоа сега од мене и никогаш повеќе“, рече Кари.
Сепак, ни тоа не го покри срамот на Голден Стејт кој до ноќешниот натпревар беше во серија од пет победи, а Филаделфија од девет порази. За Сиксерс не игра Ембид за кого заврши сезоната, но тука беше Грајмс кој постигна 44 поени што е негов рекорд на кариерата и е најзаслужен за триумфот на неговиот тим. Кари беше прв стрелец на Голден Стејт со 29 поени на кои додаде 13 асистенции и 5 скока.
РЕЗУЛТАТИ:
Шарлот – Вашингтон 100-113
Детроит – Бруклин 115-94
Хјустон – Сакраменто 103-113
Мемфис – Сан Антонио 128-130
Далас – Милвоки 117-132
Филаделфија – Голден Стејт 126-119


