Пред три години Голден Стејт и Бостон играа финале на НБА лигата и нивните пресметки беа максимално интересни и возбудливи.
Синоќа, актуелниот шампион буквално го понижи поранешниот, совладувајќи го во Сан Франциско со 40 разлика (125-85). Највисоката предност на гостинскиот тим изнесуваше 45 поени, а дури и во тие моменти, Селтикс не сакаа да подзапрат и да го поштедат својот ривал од понижување.
Колку Голден Стејт беше очаен најдобро зборува податокот што на периоди се случуваше да промаши и 10 напади по ред. До крајот на првото полувреме разликата беше пристојна, но третиот период Бостон го доби со 43-24 и отиде на над 30 разлика по што за домашниот тим немаше враќање.
Интересно е тоа што иако Бостон постигна 125 поени, ниеден кошаркар на овој тим не се истакна посебно во нападот. Најефикасен беше Тејтум со 22 поена, а зад него останаа Порзингис со 18 и Браун со 17. Стеф Кари го предводеше очајниот Голден Стејт со 18 поени.
РЕЗУЛТАТИ
Шарлот – Далас 110-105
Хјустон – Детроит 96-107
Мемфис – Минесота 106-96
Њујорк – Атланта 119-110
Кливленд – Феникс 118-92
Голден Стејт – Бостон 85-125
Њу Орлеанс – Јута 123-119
ЛА Клиперс – Чикаго 99-112


