Шампионот на НБА лигата, Денвер Нагетс излезе како победник од директниот дуел со Минесота, за првото место на табелата во Западната конференција.
Тимот од Колорадо како гостин славеше со 115-112, на крилјата на својот најдобар играч Никола Јокиќ. Србинот не беше на своето ниво во неделата против Далас, но затоа синоќа блесна и со 35 поени и 16 скока ја предводеше својата екипа до една од најважните победи во овој дел од сезоната. Во конкуренција за првото место е и Оклахома, но Тандер има два меча помалку, па се ќе се решава во последните 13-15 натпревари од основниот дел од шампионатот.
Денвер имаше предност и од 18 поени разлика во втората четвртина, но дозволи домаќинот не само да ја стопи негативата, туку и да премине во водство од четири поени во последниот период. „Тргна“ шутот од дистанца на Минесота, па победникот се решаваше со слободни фрлања при што Јокиќ беше речиси непогрешлив.
За волја на вистината, на овој меч тој имаше и помош од своите соиграчи бидејќи Портер постигна 26 поени, а Мареј и Гордон остварија дабл дабл. Едвардс го предводеше домашниот тим со 30 поени, 8 скока и 7 асистенции.
РЕЗУЛТАТИ
Орландо – Шарлот 112-92
Вашингтон – Хјустон 114-137
Бруклин – Њу Орлеанс 91-104
Сан Антонио – Далас 107-113
Минесота – Денвер 112-115


