Лос Анџелес Лејкерс го претрпе вториот пораз во сезоната откако загуби на гостувањето кај Кливленд, но мечот беше од животно значење за Брони Џејмс.
Пред да замине во филијалата, во Развојната лига, Брони е во тимот на Лејкерс на турнејата низ Источната конференција, а ноќеска го одигра само вториот натпревар во дебитантската сезона во НБА. Судбината сакаше да добие шанса во својот роден град Кливленд, на теренот каде пред 21 година дебитираше неговиот татко Леброн.
Со оглед на тоа што Кавс имаа убедливо водство, навивачите на домашниот тим во еден момент почнаа да го скандираат името на помладиот Џејмс, барајќи да влезе во игра. Тренерот на Лејкерс, Џеј Џеј Редик им ја исполни желбата и го пушти на терен кон средината на последната четвртина што предизвика еуфорија на трибините, но најинтересно беше на две минути пред крајот на мечот.
Брони ги постигна првите поени во НБА лигата, а навивачите на Кливленд паднаа во транс како нивниот тим да победил со кош во последната секунда.


