Поранешниот италијански и европски шампион Виртус ги почна подготовките за новата сезона, а вчерашниот тренинг беше отворен за јавноста и навивачите на клубот.
Тие тоа максимално го искористија, па салата во која тренира Виртус, а која има капацитет од 800 места беше преполнета со тоа што имаше луѓе кои стоеја покрај теренот и најмалку уште 1.000 кои останаа надвор затоа што објектот не собираше повеќе. Притоа, присутните навиваа и скандираа како да се работи за официјален натпревар, а не обичен тренинг во рамки на подготовките.
Со тоа, навивачите му ја дадоа својата поддршка на омилениот клуб откако во текот на летото постоеше сериозна опасност тој да влезе во големи финансиски проблеми. Главниот спонзор, компанијата Сегафредо најави повлекување и намалување на буџетот, но подоцна сопственикот Масимо Занети се премисли и одлучи да продолжи како и досега.
Виртус го задржа костурот на тимот од минатата сезона, донесе уште неколку засилувања и во новата сезона ќе се обиде да ја прекине доминацијата на Олимпија Милано во италијанската кошарка, како и да обезбеди што е подобар пласман во Евролигата.


