Далас Маверикс и шампионот Денвер Нагетс одиграа еден од најинтересните натпревари оваа сезона во НБА лигата.
Како победник излезе Далас кој триумфираше со 107-105, а кошот за победа го постигна Кајри Ирвинг со звукот на сирената. За начинот на кој го направи тоа ќе се зборува уште долго бидејќи ветеранот погоди нешто меѓу флоутер и хорог, од линијата за слободни фрлања и тоа преку Никола Јокиќ со истекот на времето.
KYRIE IRVING !!!
— xEP Network | AI Projections & Analytics (@xEP_Network) March 17, 2024
pic.twitter.com/kvqDiNh4Du
Денвер ги имаше сите услови да слави бидејќи на половина минута пред крајот водеше со 105-102, по тројката на Џамал Мареј. Во следниот напад, Дончиќ врати од голема далечина, а потоа Денвер не успеа со кош да ја заврши својата акција, па на домашниот тим му останаа околу три секунди. Целото внимание на Нагетс беше насочено кон Дончиќ, а тоа му отвори простор на Ирвинг кој ја искористи можноста да му донесе победа на својот тим.
И покрај победничкиот кош на Ирвинг, најдобар играч на мечот беше Дончиќ со 37 поени и 9 скока и покрај тоа што извесен период помина во соблекувална поради повреда. Ирвинг постигна 24 поени, еден повеќе од најдобриот стрелец на Денвер, Џамал Мареј. Никола Јокиќ не беше на своето ниво и покрај тоа што малку му недостасуваше за трипл-дабл – 16 поени, 11 скока, 7 асистенции.


