Екипата на Лос Анџелес Клиперс израмни на 2-2 во серијата со Далас откако синоќа славеше во Тексас со 116-111.
Со тоа, тимот од Калифорнија го врати брејкот и повторно ја има предноста на домашен терен пред разврската која следува во текот на оваа недела. Натпреварот го одбележа големиот пресврт на Далас кој во втората четвртина губеше со 31 поен разлика (24-55), но во финишот дури и поведе со 105-104 и ја направи завршницата максимално интересна.
Сепак, Дончиќ и компанија немаа сили да го сочуваат моментот и на крајот го претрпеа вториот пораз во серијата. Во клучните моменти на сцена стапи Џејмс Харден кој со неколку поени во низа го скрши отпорот на домашниот тим.

Џорџ и Харден беа најдобри кај Клиперс, постигнаа по 33 поени, додека во составот на Далас убедливо најдобар беше Ирвинг со 40 поени, а Дончиќ реализираше трипл-дабл со 29 поени, 10 скока и 10 асистенции. Серијата сега се враќа во Лос Анџелес каде се игра петтиот натпревар од можеби најинтересната серија во првата рунда од плејофот.
РЕЗУЛТАТИ
Филаделфија – Њујорк 92-97
Далас – ЛА Клиперс 111-116
Индијана – Милвоки 126-113
Феникс – Минесота 116-122


