Жалгирис останува најпријатно изненадување во Евролигата оваа сезона откако во шестиот натпревар ја оствари петтата победа и се врати на делба на првата позиција на табелата, со Барселона.
Во исклучително неизвесен натпревар, литванската гордост ја победи Црвена Звезда со 86-84 и тоа со кош во последната секунда, постигнат од Брајант Данстон. Претходно, белградскиот тим успеа да надополни -14 и предводен од Недовиќ и Плавшиќ да се најде во ситуација да се бори за победа.
BRYANT DUNSTON FOR THE WIN😱 #MotorolaMagicMoments I @Moto pic.twitter.com/3UI3XV3Y42
— Turkish Airlines EuroLeague (@EuroLeague) October 30, 2024
На околу 15 секунди пред крајот, Жалгирис поведе со 84-81 и можеше да прави лична грешка за да избегне сценарио, со тројка Звезда да се избори за продолжение. Ален Смаилагиќ одигра исклучително незрело на Милер Мекинтаер, не само што не направи фаул, туку излета при финта-шут, па бекот на Звезда на нешто повеќе од секунда пред крајот погоди тројка за израмнување на 84-84. За Жалгирис остана многу кратко време, но Улановас од аут го проигра Данстон, а овој со звукот на сирената му донесе победа на својот тим.
Одличен натпревар одигра Урош Плавшиќ кој постигна 16 поени и 9 скока за индекс 23 и на најдобар начин го надополни неиграњето на Џоел Боломбој. Сепак, Звезда го претрпе трет пораз по ред во Евролигата откако оствари победи во воведните три кола. Ќе мора да се „вади“ в петок против европскиот шампион Панатинаикос на домашен терен.


