Македонскиот репрезентативец Адем Мекиќ утре ќе има можност да ја продолжи фантастичната серија на освојување шампионски трофеи бидејќи со Задар игра „мајсторка“ против Сплит во финалната серија од хрватското првенство.
Синоќа Задар победи на гостувањето во Грипе и израмни на 2-2, па на домашен терен, пред најмалку 8.000 навивачи ќе се бори за новата титула.
Вчера задрани беа под императив да победат бидејќи пораз ќе значеше триумф за противникот. На крајот победија со 29 поени разлика, а придонес за тоа имаше и Мекиќ. Натпреварот го заврши со девет поени, вклучувајќи едно атрактивно забивање со кое ги крена на нозе малубројните навивачи на Задар кои отпатуваа во Сплит да го следат својот омилен клуб.


