Бостон Селтикс е на една победа од 18. титула во својата историја откако ноќеска го совлада Далас со 106-99 и поведе со 3-0 во финалето од НБА лигата.
Првиот меч што се одигра во Тексас го одбележаа големи осцилации во играта на двете екипи. Далас одлично отвори, водеше со 13 поени разлика во првата четвртина, Бостон брзо ја стигна негативата, а почнувајќи од третиот квартал, го диктираше темпото до крајот. На стартот од последниот период, Селтикс го достигнаа највисокото водство, од 21 разлика (91-70) по што се чинеше дека е завршена работата, но така не мислеше домаќинот.
Со серија од 22-2, Далас се доближи на само еден поен негатива (92-93), ама не успеа да го комплетира пресвртот. Клучен момент беше шестата лична грешка на Лука Дончиќ на три минути пред крајот по што домашниот тим остана без најважниот адут и тоа беше причината што не дојде до првата победа во финалето.
Словенецот постигна 27 поени со релативно лош шут од игра (11/27), но сега доби поддршка од Кајри Ирвинг кој беше најефикасен со 35 поени. Кај Бостон, Тејтум заврши со 31, а Браун со 30 поени.
Четвртиот натпревар од серијата се игра утре вечер, во 2:30 часот по полноќ. Со победа, Бостон ќе ја освои титулата, а ако Далас успее да триумфира, ќе си ги продолжи своите надежи во ова финале.


