Вторпат за само два дена, Денвер Нагетс победи по продолжение откако славеше на гостувањето кај Бруклин со 144-139.
Откако вчера постигна 40 поени, синоќа повторно во главна улога беше Никола Јокиќ, сега со вториот, монструзен трипл дабл во сезоната. Српскиот ас постигна 29 поени, 18 скока и 16 асистенции и уште еднаш потврди дека без него, Денвер ќе биде само просечна екипа која веројатно нема да се избори ни за место во плејофот.
Тимот од Колорадо се крена од пепелта откако во втората четвртина имаше негатива и од 17 поени разлика. За среќа на Денвер, домашните кошаркари лошо шутираа слободни фрлања, особено во финишот и тоа беше можност да се дојде до израмнување. При водство на Бруклин оd 124-123, Фини-Смит погоди само еднаш од линијата за во следниот напад Јокиќ да поентира и да го израмни резултатот за израмнување и продолжение. За разлика од основниот дел, во дополнителните пет минути гостите доминираа и лесно дојдоа до триумф.
Покрај Јокиќ, се истакнаа уште Гордон и Мареј со по 24 поени, а може да радува првото квалитетно издание на Расел Вестбрук кој постигна 22 поена. Шрудер со 28 поени и 14 скока го предводеше Бруклин.
РЕЗУЛТАТИ
Бруклин – Денвер 139-144
Минесота – Далас 114-120
Јута – Сакраменто 96-113
Голден Стејт – Њу Орлеанс 124-106


