Јуниорските репрезентации на Србија и Израел одиграа антологиски натпревар во полуфиналето од Европското првенство штo се одржува во Тампере.
По еден куп пресврти, славеа Србите со 115-114 благодарение на тројката на Андреј Костиќ со истекот на времето иако на помалку од минута пред крајот Израел водеше со 112-107. Претходно, во регуларниот дел Израел се спаси од пораз на три секунди пред крајот, а во првото продолжение Србите се спасија со истекот на времето, од линијата за слободни фрлања.
Србите го имаа Саво Дрезгиќ кој постигна 35 поени, 12 асистенции и 8 скока, додека на Израелците не им стигнаа фантастичните Бен Сараф и Омер Мајер. Првиот постигна 40, а вториот 31 поен, но Мајер беше трагичар затоа што промаши слободно фрлање при 114-112 и им даде можност на Србите да го одиграат последниот напад. Пред полуфиналето, Израел ги елиминира најголемите фаворити за титулата Шпанија, па Франција и сите го гледаа како сигурен шампион.
Во големото финале, Србија ќе се сретне со Германија која во денешното полуфинале ја победи Словенија со 88-68.


