Вечерва во Загреб се одржа ревијален натпревар меѓу хрватската репрезентација и Тимот Дражен Петровиќ составен од евролигашки ѕвезди.
Натпреварот беше во чест на Дражен Петровиќ, по повод 60-годишнината од неговото раѓање, а во загрепската Арена имаше спектакл каков ретко се гледа. Учествуваа дел од најдобрите кошаркари кои настапуваат во Европа во моментов, а меѓу гледачите беше речиси цел европски крем – од ривалите на Дражен кои пред три и повеќе децении го делеа паркетот со него, до неговите соиграчи од Цибона, Шибенка, Реал и репрезеннтациите на Југославија и Хрватска.
Кулминацијата на спектаклот се случи меѓу третата и четвртата четвртина. Претставен беше тимот на хрватската репрезентација од Олимписките игри во Барселона, а на големиот семафор, во вид на холограмска проекција се појави Дражен Петровиќ, водејќи топка при што на присутните им се „обрати“ со неколку реченици. Голем дел од присутните, вклучувајќи го семејството на Дражен се расплака, а потоа сите заедно го запеаја хитот на Нови Фосили, „За добра, стара времена…“

Дел од спектаклот во Загреб беше и македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ кој имаше важна улога во Тимот Дражен Петровиќ и постигна девет поени со три тројки од пет шута.


