Кливленд Кавалирс го победи Далас со 121-119, а херој на тимот од Охајо е шутерот Макс Струс.
Искусниот кошаркар го заврши натпреварот со седум тројки, а пет од нив постигна во последната четвртина. Во игра се врати на пет минути пред крајот, кога Далас водеше со седум поени разлика и постигна четири тројки по ред, за со петтата, а вкупно седма на мечот, со истекот на времето и од средината на теренот, да му ја донесе победата на својот тим. Четирите тројки во низа му беа во период од само 67 секунди, но ни тоа не беше доволно предупредување за гостинските кошаркари да го затворат при последниот напад.
Со своето издание, Струс го засени и Лука Дончиќ кој го заврши натпреварот со 45 поени, 14 асистенции и 9 скока, како и Донован Мичел кој со 31 поен го предводеше Кливленд.
Со овој пораз Далас падна на осмата позиција на табелата во Западната конференција, но засега пласманот барем во плејинот не е доведен во прашање бидејќи разликата со Јута изнесува шест победи. Кливленд е втор на Истокот, веднаш зад неприкосновениот Бостон, но му претстои тешка борба за да остане на таа позиција.
РЕЗУЛТАТИ
Кливленд – Далас 121-119
Орландо – Бруклин 108-81
Вашингтон – Голден Стејт 112-123
Атланта – Јута 124-97
Бостон – Филаделфија 117-99
Њујорк – Њу Орлеанс 92-115
Чикаго – Детроит 95-105
Милвоки – Шарлот 123-85
Минесота – Сан Антонио 114-105
Оклахома – Хјустон 112-95
Портланд – Мајами 96-106


