Никола Јокиќ го оствари 12. трипл дабл сезонава, но и тој, како и многу други претходно, останаа без ефект затоа што Србинот немаше помош од соиграчите и Денвер претрпе убедлив пораз на домашен терен.
Подобар ноќеска беше Кливленд кој како гостин славеше со 149-135 и се уште го има најдобриот ефект во лигата, со 27 победи и 4 порази. Денвер некако парираше до средината на втората четвртина, но потоа Кливленд направи серија од 16-0 и се одлепи на 66-53, а до крајот на полувреме стигна до неверојатни 80 постигнати поени.
Јокиќ го заврши натпреварот со 27 поени, 14 скока и 13 асистенции, но бадијала кога Денвер го доживеа вториот пораз во низа и трет во последните пет натпревари, како последица на што падна на седмата позиција на табелата во Западната конференција со можност уште повеќе да назадува. Се истакна и Џамал Мареј со 27 поени и 11 скока, но Канаѓанецот само продолжи со своите топло-ладно изданија кои не му носат никаква сигурност на тимот.
Постигнатите 149 поени се рекорд за Кливленд оваа сезона откако претходно најдобро достигнување за оваа екипа беше 144 против Чикаго минатиот месец. Донован Мичел беше најдобар со 33 поени и 6 тројки од 12 шута.
РЕЗУЛТАТИ
Орландо – Њујорк 85-108
Бруклин – Сан Антонио 87-96
Бостон – Индијана 142-105
Денвер – Кливленд 135-149
Њу Орлеанс – Мемфис 124-132
Феникс – Далас 89-98
ЛА Клиперс – Голден Стејт 102-92
Хјустон – Минесота 112-113


