Од последниот пораз на Работнички поминаа безмалку пет месеци, но за навивачите ни тоа не е доволно.
По денешниот катастрофален пораз од Пелистер, на стартот од полуфиналната серија од домашниот плејоф, фановите на тимот од Градски парк пак ги построија кошаркарите и се обидоа да им одржат лекција. Така беше и при последниот пораз на Работнички, од Феникс, на 2 декември 2023 со таа разлика што сега не ги тераа да ги соблечат дресовите и да ги остават на страна.
Гневот на навивачите беше насочен кон Декоузи кој влезе во вербален, за малку и физички конфликт со Сити Парк Бојс, а не изостанаа ни лични навреди кон и од него. Фановите беа лути затоа што Американецот го заврши натпреварот без поен, но не е исклучено неговата лоша игра да се должи на неисплатените плати кон него. Во еден момент, тој гестикулираше кон навивачите со рацете, алудирајќи на броење пари поради што и постојат сомнежи дека не играше на максимално ниво вечерва. Како доказ за тоа се само двата шута кон противничкиот кош за 21 минута во игра.