Актуелниот вицешампион на Македонија, Пелистер планира и во новата сезона да продолжи со својот раст и развој, како што беше случај претходните три години.
Битолскиот клуб наскоро ќе испише нови страници во клупската историја, а во пресрет на она што следува, направи една важна промена. Во новата сезона Пелистер ќе влезе и со ново лого кое е промовирано денеска.
„Кошаркарскиот клуб Пелистер и Битола, отсекогаш била и ќе биде една нераскинлива врска меѓу нашиот колектив и градот од кој потекнуваме, градот со кој ги делиме сите наши радости и разочарувања, со надеж за уште поголеми успеси во иднина.
Токму затоа, во пресрет на новата натпреварувачка сезона управата на Пелистер се реши да го промовира новото лого на кошаркарскиот клуб, со нагласена симболика на ‘градот на конзулите’.
Во него се умешно вметнати детали од Баба планина, Саат кулата и од моликите, дел од заштитните знаци на нашата Битола.
Со гордост денеска и официјално го промовираме новото лого на клубот, со надеж дека оваа успешна приказна не само што ќе продолжи, туку ќе се развива до уште поголеми височини.
Исто така, со гордост можеме да најавиме дека во наредниот период на веб-страницата на КК Пелистер ќе биде официјално отворен и првиот онлајн-шоп, во кој ќе можат преку интернет да бидат реквизити на ‘зелено-белите’. Покрај отворањето на онлајн-шопот, истите реквизити ќе можат да се купат и во локална продавница што ќе биде објавена на денот на промоцијата на овој новитет на нашиот клуб“, објави Пелистер.
Новата сезона за битолскиот прволигаш ќе почне на 28 септември со првиот настап во Суперкупот на Македонија, против МЗТ Скопје, а три дена подоцна ќе го одигра првиот меѓународен натпревар на домашен терен, против Широки во воведното коло од АБА 2 лигата.


