Легендарниот американски центар Шекил Онил синоќа стана првиот играч во историјата на Орландо Меџик чиј дрес, односно број е повлечен од употреба.
Бројот 32 со кој настапуваше Шек од 1992 до 1996 година замина под сводовите на арената во Орландо, на задоволство на илјадници фанови на овој тим. Онил беше суперѕвездата во историјата на Меџик, беше избран како прв пик на драфтот во 1992 година, кога франшизата постоеше едвај три години и ѝ донесе многу големи успеси. Со него во тимот, Орландо стигна до финалето на НБА во 1995 година, а една сезони подоцна Шек ја напушти екипата и се пресели во Лос Анџелес Лејкерс.
„Има една поговорка која вели: Никогаш не заборавајте од каде тргнавте. Мојата професионална кариера почна овде, поголемиот дел од животот го поминав тука и прекрасно се чувствувам. Не мислев дека некогаш ќе го дочекам овој ден бидејќи досега Орландо Меџик не повлече ниеден број“, изјави Шек на церемонијата.
Од 1992 до 1996 година тој одигра 295 натпревари и со нив стана шести стрелец и трет скокач во историјата на Орландо Меџик.


