Српскиот репрезентативец Никола Јокиќ сезонава повторно е најсериозен кандидат за МВП признанието во НБА, во конкуренција се Лука Дончиќ и Јанис Адетокунбо, но има и еден играч кој е апсолутно потценет во оваа трка.
Станува збор за литванскиот репрезентативец Домантас Сабонис кој бележи фантастични бројки во дресот на Сакраменто Кингс и нејасно е зошто не е во најтесниот круг на фаворити за наградата за најкорисен играч. Синоќа, центарот на Сакраменто одигра 40 минути против Мајами и за тоа време постигна 14 поени, 14 скока и 10 асистенции.
Тоа беше негов 21. трипл дабл оваа сезона со што е на чело во НБА во оваа статистичка категорија, пред Никола Јокиќ кој има 18. Освен тоа, Сабонис го одигра 40. натпревар по ред со најмалку дабл дабл со што влезе во одбрано друштво. Пред него, ваква серија имале само девет кошаркари во историјата на лигата: Вилт Чембрлен, Елвин Хејс, Мозес Мелоун, Волт Белами, Боб Петит, Елџин Бејлор, Џери Лукас, Карим Абдул-Џабар и Кевин Лав.
Што се однесува до натпреварот, Мајами настапи без седуммина кошаркари поради повреди или суспензии, но и покрај тоа успеа да слави во Калифорнија. Адебајо ги предводеше гостите со 28 поени, 10 скока и 7 асистенции.
РЕЗУЛТАТИ
Индијана – Торонто 122-130
Њујорк – Детроит 113-111
Мемфис – Бруклин 86-111
Сакраменто – Мајами 110-121


