Актуелниот шампион во НБА, Бостон Селтикс го доживеа првиот пораз во сезоната откако загуби на гостувањето кај Индијана со 132-135.
Мечот беше решен по продолжение, а победата на Пејсерс е изненадување ако се знае дека до овој меч имаше само еден триумф и беше во серија од три порази. Бостон тотално потфрли во одбраната, за само три четвртини прими 100 поени, па малку стегна во последниот период кој го доби со 38-24 и се избори за продолжение.
Се очекуваше во дополнителните пет минути шампионот да ја има психолошката предност, но не беше така. На 39 секунди пред, Вајт го донесе Бостон во водство, веднаш вратија домаќините, а потоа Тејтум промаши за нова предност на Селтикс. Клучната тројка, на седум секунди пред крајот ја погоди Паскал Сијакам, а потоа со истекот на времето промаши Џејлен Браун кој не успеа да се избори за ново продолжение.
Најдобар кај Индијана беше Бенедикт Матурин со 30 поени, Сијакам додаде 29 поени и 11 асистенции. Тејтум го предводеше Бостон со 37 поени.
По поразот на шампионот, единствен непоразен тим во Источната конференција е Кливленд кој ноќеска го растури Лос Анџелес Лејкерс со 134-110. Мечот беше посебен бидејќи на теренот на Кавс, на 60-тина километри од својот роден град Акрон, Леброн играше со својот син Брони кој доби овации од публиката. Сепак, тоа не ги спречи домашните кошаркари да одиграат извонреден натпревар во кој многу работи околу победникот беа познати уште во првата четвртина што Кливленд ја доби со 42-23.
РЕЗУЛТАТИ
Шарлот – Торонто 138-133
Кливленд – ЛА Лејкерс 134-110
Индијана – Бостон 135-132
Филаделфија – Детроит 95-105
Вашингтон – Атланта 133-120
Мајами – Њујорк 107-116
Чикаго – Орландо 102-99
Мемфис – Бруклин 106-119
Оклахома – Сан Антонио 105-93
Голден Стејт – Њу Орлеанс 104-89
ЛА Клиперс – Портланд 105-106


