Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс одигра извонреден натпревар против Партизан на турнирот во Белград, но за малку не успеа да му донесе победа на својот Париз.
Домаќинот славеше со 83-82 благодарение на кошот на Брендон Дејвис во последната секунда. Партизан доминираше во поголемиот дел од мечот, имаше и двоцифрена предност, но во последната четвртина гостите се разиграа, а важни кошеви постигна и Шортс кој имаше огромен придонес во намалувањето на негативата.
CRUEL mais quel match ! 👏
— Paris Basketball (@ParisBasketball) September 15, 2024
QT4 – @PartizanBC 83@ParisBasketball 82 pic.twitter.com/vTEOYRJhFT
Во последните две минути се влезе израмнето, на 30 секунди пред крајот Вашингтон погоди тројка за +3 за Партизан, но Шортс потоа постигна кош со фаул. Слободното фрлање го промаши, ама од офанзивен скок Париз постигна нови поени и дојде до предност од 82-81. Се чинеше дека тоа ќе биде доволно за победа, особено откако Карлик Џонс се лизна при продор кон противничкиот кош во последниот напад, но топката некако дојде до Лундберг, овој го проигра Дејвис кој погоди од близина за победа, на задоволство на навивачите собрани во импровизираната сала на Саемот во Белград.
Шортс заврши како втор стрелец во својата екипа со 18 поени, но одлично ги разигра останатите кошаркари. Ифи беше најпрецизен со 19, додека Партизан имаше тројца играчи со 13 поени: Карлик Џонс, Браун и Нтиликина.


