На специјална церемонија, наречена „Црно-бела симфонија“, поранешниот европски шампион Партизан вечерва го претстави тимот за новата сезона.
Екипата е речиси целосно променета, од минатата натпреварувачка кампања остана само Балша Копривица, а повратник е Вања Маринковиќ кој е „дете“ на Партизан и тука ја почна својата професионална кариера. На промоцијата не беше ниту Бруно Кабокло кој начелно има договор со Партизан, но речиси сигурно нема да биде негов член. Вечерва не беше присутен само репрезентативецот на Јужен Судан, Карлик Џонс кој се очекува утре да пристигне во Белград.
Partizan je i zvanično predstavio novu ekipu za sezonu 2024/25, a timu će se naknadno priključiti opravdano odsutni Karlik Džons ⚫️⚪️#kkp #kkpartizan pic.twitter.com/YsGFdpFFu7
— Meridian Sport Srbija (@meridiansportrs) August 19, 2024
„На момците кои денеска пристигнаа, сакам со гордост да го претставуваат Партизан бидејќи дресот на овој клуб за нас е свет. Партизан е голем бидејќи има милиони навивачи зад себе, тоа се најдобри навивачи кои создаваат најдобра атмосфера во светот. На Жељко и момците им посакувам да се борат секој ден, да победуваат и заедно да се радуваме. Направивме квалитетна екипа и имаме високи амбиции за претстојната сезона“, рече претседателот на клубот Остоја Мијаиловиќ.
Со 13 нови кошаркари и уште двајца од школата, Партизан ќе се обиде да ја симне Црвена Звезда од тронот во АБА лигата, српското првенство и Купот на Србија и да отиде што подалеку, по можност на Ф4, во Евролигата. Навивачите побараа од Обрадовиќ да ја освои титулата во елитното европско натпреварување.
Церемонијата на претставување беше несекојдневна за спортски клуб, се одржа во концертна арена, пред околу 1.200 присутни, а во галеријата беа сместени најжестоките навивачи на Партизан. Во текот на 90-минутната свеченост, беа изведени некои од најпознатите навивачки песни, во придружба на оркестар.


