Исклучително интересен и неизвесен натпревар одиграа поранешните прволигаши МЗТ Скопје УБ и Ангели, во вториот меч од четвртфиналната серија во Втората лига.
Славеа Ангели со 66-63, благодарение на тројката на 18-годишниот Ангел Стојанов од „мртов“ агол, преку човек и со истекот на времето. Во драматичниот финиш, МЗТ Скопје УБ успеа да се спаси од колапс и израмни на 63-63 на три секунди пред крајот на мечот и сите присутни очекуваа продолжение од пет минути во кои ќе се решава победникот. До тоа не дојде поради тројката на Стојанов кој на својот тим му ги продолжи надежите на својот тим дека може да се врати елитата.
Патот дотаму нема воопшто да биде лесен бидејќи во полуфиналето Ангели ќе ја имаат најтешката можна задача, да го елиминираат убедливо најдобриот тим во второлигашката конкуренција МКК Куманово кој е без пораз во досегашниот дел од сезоната.


