Малкумина можеа воопшто да помислат дека по првите два одиграни натпревари во Денвер, Нагетс ќе имаат негатива од 0-2 во серијата со Минесота.
Тимот кој требаше да биде аутсајдер во серијата дома се враќа со убедливо водство откако вториот меч го доби со 106-80 по што бранителот на титулата е во незавидна ситуација бидејќи двата следни натпревари се играат во Минеаполис. Одамна Денвер не изгледал толку немоќно како синоќа против тимот кој во својот состав има голем број млади кошаркари и кој може во следните години да доминира во НБА.
Шампионот лошо го почна мечот, по првата четвртина губеше со 20-28, но клучна беше втората која Минесота ја доби со 33-15 и на голем одмор замина со огромни +26 (61-35). Во второто полувреме предноста на гостинскиот тим одеше и над 30 разлика, а победата на Минесота во ниеден момент не беше доведена во прашање.

Едвардс и Таунс доминираа на теренот, двајцата постигнаа по 27 поени, но главната работа Минесота ја заврши во одбраната. Јокиќ беше запрен на само 13 шута од игра (погоди едвај пет) иако пак беше блиску до трипл дабл, со скромни 16 поени, 16 скока и 8 асистенции. Гордон беше најефикасен со 20 поени, но катастрофален меч одигра Џамал Мареј со само осум поени и шут 3/18 од игра што е недозволиво за втората ѕвезда во тимот. Следните два меча се играат во Минеаполис и Денвер ќе се обиде да избегне тешка бламажа, односно „метла“ во оваа серија што не е невозможно со оглед на играта на двете екипи.
До водство од 1-0 во полуфиналето на Истокот стигна Њујорк Никс кој на крилјата на Брансон (43 поени) дојде до триумф на стартот од серијата.


