Денвер Нагетс ја оствари втората победа во низа откако славеше во дуелот со Јута со 132-121.
Прво име на мечот повторно беше Никола Јокиќ кој постигна 36 поени, 22 скока и 11 асистенции за 38 минути во игра. Меѓу другото, ја мина границата од 15.000 поени во НБА во својата кариера како втор најбрз центар кому му успеало тоа, по Шекил Онил. Во моментов тој се наоѓа на 157. место на вечната листа на стрелци во НБА, но според разликата со кошаркарите пред него, реално е да се очекува брзо да напредува.
Интересно е тоа што трипл дабл на овој меч оствари и рекордерот во оваа статистичка категорија во НБА, Расел Вестбрук кој постигна 16 поени, 10 скока и 10 асистенции. За него, тоа е 201. трипл дабл во кариерата, а стана само втор кошаркар во историјата, по Домантас Сабонис кој дошол до таков ефект без загубена топка и со 100% шут од линијата за слободни фрлања (2/2).
Што се однесува до натпреварот, се очекуваше лесна работа за Денвер имајќи предвид дека Јута е една од најслабите екипи во лигата, но гостите беа рамноправни цело прво полувреме. Одлучи третата четвртина која Денвер ја доби со 34-23 и тогаш ја создаде клучната предност. Џордан Кларксон со 24 поени беше најдобар во тимот на Јута, Колин Секстон додаде 22, а Лаури Марканен 17 поени.
РЕЗУЛТАТИ
Шарлот – Чикаго 108-115
Вашингтон – Њујорк 106-126
Њу Орлеанс – ЛА Клиперс 113-116
Јута – Денвер 121-132
Голден Стејт – Кливленд 95-113
Портланд – Филаделфија 103-125
Сакраменто – Далас 110-110


