Откако на стартот од сезоната ја совладаа Минесота, кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс изутрина беа подобри и од Феникс во својот втор меч од новата натпреварувачка кампања.
Тимот од Калифорнија славеше со 123-116 и првпат по сезоната 2010/11 почнуваат со 2/0. Тогаш Лејкерс влегоа како актуелни шампиони на НБА, предводени од Коби Брајант и Пау Гасол, но иако имаа квалитетни тимови, ниеднаш потоа не успеаја да стартуваат со две победи.
До триумфот, Лејкерс стигнаа и покрај тоа што во првата четвртина примија 38 поени, а на стартот на втората имаа 22 поена негатива (23-45). До крајот на полувремето намалија на -9, а во третиот период го комплетираа пресвртот.
Клучен за победата против Санс беше Ентони Дејвис кој, исто така е фантастичен во новата сезона. По 36. поени против Минесота во првиот меч, сега заврши со 35 поени, 8 скока, 4 асистенции и 2 блокади. Со тоа стана само трет играч во историјата на Лејкерс кој во првите два меча од сезоната постигнал 35+ поени, по Елџин Бејлор во 1962 и Џери Вест во 1969 година. Остин Ривс додаде 26 поени, а Леброн 21 поен со 8 асистенции и 4 скока. Кај Феникс блескаше Кевин Дурант кој постигна 30 поени.
РЕЗУЛТАТИ
Орландо – Бруклин 116-101
Торонто – Филаделфија 115-107
Атланта – Шарлот 125-120
Кливленд – Детроит 113-101
Њујорк – Индијана 123-98
Хјустон – Мемфис 128-108
Милвоки – Чикаго 122-133
Јута – Голден Стејт 86-127
ЛА Лејкерс – Феникс 123-116
Портланд – Њу Орлеанс 103-105


