Екипите од Лос Анџелес по пауза од една недела се вратија во натпреварувачки ритам, но во Лејкерс очигледно уште никому не му е до кошарка по катастрофалните пожари што го зафатија градот.
Утринава во Крипто арената гостуваше Сан Антонио и оствари убедлива победа со 126-102, пред се поради фантастичното второ полувреме кое го доби со 73-40. Домаќините го контролираа мечот во првиот дел кој го добија со 62-53, но во второто полувреме на теренот постоеше само една екипа.
Тројца кошаркари на Сан Антонио постигнаа по 23 поени – Касл, Вембанјама и Васел, а Крис Пол оствари дабл дабл со 13 поени и 10 скока. Ентони Дејвис ги предводеше Лејкерс со 30 поени и 13 скока.
Ова е трет пораз по ред за тимот од Лос Анџелес кој сега има биланс 20/17 и падна на седмата позиција во Западната конференција. Сан Антонио е десетти со 19/19, колку што има и 11-пласираниот Феникс.
РЕЗУЛТАТИ
Вашингтон – Минесота 106-120
Њујорк – Детроит 119-124
Торонто – Голден стејт 104-101
Хјустон – Мемфис 120-118
ЛА Клиперс – Мајами 109-98
ЛА Лејкерс – Сан Антонио 102-126


