Словенечката репрезентација ја оствари својата цел и обезбеди пласман во полуфиналето од квалификацискиот турнир за Олимписките игри откако денеска убедливо го совлада Нов Зеланд.
Поранешниот европски шампион одлично го почна мечот, направи двоцифрена предност уште во првата четвртина, а му требаше победа од најмалку 11 разлика за да го освои второто место. Сепак, подоцна дојде до опуштање кое кошаркарите од Нов Зеланд го искористија за да ја стопат високата негативата и опасно да се приближат. Тоа го изнервира Лука Дончиќ кој при еден тајмаут викаше по своите соиграчи и бараше поголема концентрација од нив.
„Се зезаме, ало, се зезаме. Ова е Нов Зеланд, сконцентрирајте се малку“, викаше Дончиќ во обид да ги разбуди останатите играчи во тимот.
На крајот тој оствари уште еден трипл дабл и е најзаслужен што Словенија ќе игра во полуфиналето и тоа против домаќинот на турнирот – Грција.


